Дориан Бабунски ќе ги пропушти првите два натпревари на фудбалската репрезентација на Македонија во 2023 година.
Селекторот Благоја Милевски на денешната официјална средба со медиумите, информираше дека нема да може да смета голгетерот на унгарскиот Дебрецин.

„Дориан се здоби со повреда на бутен мускул на последниот меч и нема да се стави во функција на тимот во овие два натпревари“, изјави Милевски.

Бабунски покрај утрешниот меч во евро-квалификациите со Малта, нема да може да биде во комбинација ниту за пријателскиот (контролен) дуел со Фарски Острови закажан за во понеделник.

Нашата селекција попладнево ќе го одработи и единствениот тренинг на арената Тодор Проевски каде утревечер од 20:45 часот ќе се одигра натпреварот со Малата.

Како што најави селекторот Милевски, составот со кој ќе го започне мечот веќе го има во глава, но ќе почека до утре да види со кои 11-тмина ќе стартува.