„Џентлменски“ договор – браво !
Во пресрет на неделното дерби од македонската ракометна лига меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер, двајцата претседатели на клубовите, Михајло Михајловски и Зоран Стерјев имаа состанок и издадоа заедничко соопштение кое можете да го прочитате во целост.
Во заедничкото соопштение, двајцата претседатели упатија апел до тренерите, играчите, навивачите и спортските љубители во недела да победи спортот, да победи моментно подобриот тим, да победи ракометот. За реализација на тоа, сите ние, директни (играчи и тренери) и индиректни актери на натпреварот, треба максимално да придонесеме секој во рамките на своите улоги, желбата да стане реалност.
Како први луѓе на клубовите, ние на терен, меѓу себе сме лути спортски ривали, но во исто време и добри спортски пријатели, и пријатели и надвор од спортот. Ние силно веруваме во спортската идеја и приказна, и ги правиме сите можни напори да овозможиме услови за да победи спорот и да победи моментално подобрата екипа, се вели во заедничкото соопштение на двата клуба.
Победникот се решава и треба да се решава на терен. Затоа сите ние треба позитивно да го поддржиме тој процес, да навиваме гласно, цивилизирано и коректно. Ниту едно запалено пиротехничко средство, ниту еден бокс или физички напад на трибините, фрлен камен пред сала, пред или после натпреварот нема да одлучува за победникот на натпреварот. Таквите појави само ќе ја нарушат спортската атмосфера, ќе им наштетат на клубовите и ќе ја нарушат желбата да гледаме коректен, фер и квалитетен спортски ракометен натпревар, се вели во соопштението кое можете да го прочитате во целост.