Тимот на Њукасл многу потешко од очекувањата успеа да го надигра Нотингем Форест и да слави важна победа на гостински терен.
Иако гостите тргнаа фуриозно и веќе во седмата минута преку Џо Виллок имаа огромна шанса за гол, за подоцна и Александер Исак во дванаесеттата минута да ја погоди пречката на противникот, сепак први до гол дојдоа домаќините.
Грешка во одбрана скапо го чинеше тимот на Њукасл во 26-тата минута, па Нотингем Форест преку Емануел Денис дојде до предност од 1-0.
И по тој гол, ситуацијата на теренот не се смени, Њукасл продолжи да напаѓа со сите сили. Во 35-тата минута повторно пречката беше сојузник на голманот на Нотингем Форест, откако ударот на Сеан Лонгстаф ја погоди само конструкцијата на голот.
Патот до мрежата на Кејлор Навас го пронајде Александер Исак во судиското надополнување од првиот дел, за 1-1 на полувреме.
Во вториот дел следуваше вистинска опсада пред голот на Навас, а чуварот на мрежата со своите неверојатни интервенции ги изнудуваше гостинските напаѓачи.
Елиот Андерсон во 64-тата минута доби одличен центршут и со глава успеа да го матира Костариканецот на голот на Н.Форест. Сепак радоста на Елиот ја расипа ВАР системот кој сигнализираше офсајд.
Кога изгледаше дека Кејлор Навас и одбраната ќе бидат доволни за важен бод за Нотингем Форест, дефанзивецот Муса Ниакте во 92-та минута играше со рака во својот шеснаесетник што беше доволна причина главниот судија на натпреварот да досуди пенал.
Мирен реализатор на ударот од белата точка беше Александер Исак за целосен пресврт и важна победа за Њукасл.