Македонскиот тенисер Калин Ивановски успеа да се пласира во четвртфиналето на фјучрс турнирот Поитие, Франција. Тој попладнево по 2 часа и 20 минути игра го победи Французинот Александре Реко (квалификант) со 2-1 во сетови, иако противникот водеше со 1-0.
Реко го доби првиот сет со 6:3, откако направи брејк во четвртиот гем за водство од 3:1 што беше решавачко за освојување на сетот. Во вториот сет Ивановски беше доминантен и по 2:0, на противникот му дозволи да освои само еден гем и сетот го доби со 6:1 за изедначување. Во решавачкиот сет поведе со 2:0 во гемови и таа предност ја зачува до крајот на сетот за триумф од 6:4.
Во следното коло Ивановски кој е трет носител ќе игра со победникот од мечот на француските тенисери Ламасине Тристан (6.ти носител) и Никола Тепмак.
Денеска настапот на фјучрсот во хрватскиот град Ровињ го заврши и македонскиот тенсер Обрад Марковски во четвртфиналето во двојки. Тој и Душан Обрадовиќ загубија од Лука Миркут (Хрватска) и Стефан Поповиќ. Првиот сет го добија со 7:5 во гемови, вториот го загубија со 6:3, а во решавачкиот противниците беа подобри со 10:8 на поени.