ВЕЛЕШАНИ СЕГА ПОРАЗЕНИ СО 44 РАЗЛИКА

Да нема забуна, насловот. Не станува збор за кошаркарски, туку ракометен натпревар.

Некогаш беше синоним за македонскиот ракомет, тим од кој потекнале голем број на познати реномирани македонски ракометари, меѓу нив и легендарниот Пепи Манасков.

Велешки Борец денеска е далеку од своите убави времиња, кога палеше и жареше низ поранешна Југославија, а подоцна и во македонското првенство и купот.

Салата „Гемиџии“ иако со капацитет од речиси 5.000 места, честопати беше претесна да ги собере сите вљубеници во ракометот, особено кога Борец настапуваше на меѓународната сцена, во Купот на шампионите 1995-96 и Купот на победници на купови 1994-95.

Ех, тие убави времиња, носталгично се присетуваат Велешани. Но, не само тие би рекле и сите искрени вљубеници во македонскиот ракомет.

А, каде е сега Борец!?

Велешкиот клуб се натпреварува во Првата лига „група Б“ или ако ја земете во предвид Супер лигата, тоа би било пандан на второлигашка конкуренција.

Па, добро, ништо страшно, ќе си речете. Па, да. Но, не е „маката“ во тоа што Борец игра второлигашки ракомет, туку до каде овој клуб може да тоне.

Овој тим станува „топовско месо“ за останатите екипи. Како започна вториот дел од сезоната, ништо чудно до крајот Борец да загуби меч и со „100-гола разлика.

Во само три натпревари веќе три пати примаат над 40 гола, а последниот вчерашниот дури и 53 од тимот на Голден Арт Аеродром (рекорд сезонава), кој победи во 44 разлика. Да беше ова кошаркарски натпревар, па ајде се случува (иако и таму ретко), но на ракометен!?

И тоа не е ништо чудно за велешкиот клуб сезонава кој веќе на четири натпревари прима над 50+ голови, а на претходно одиграниот со Аеродром се спаси за еден (прими 49, а загуби со 40 разлика).

Ова сигурно не е текст за потсмев, напротив, ова е аларм за вљубениците во ракометот во овој град, Велес, кој го носи и префиксот „Градот Борец“, ова е текст со кој сакаме да ги поттикнеме Велешани да го вратат стариот сјај ракометната школа, и повторно да почнат да „произведуваат“ ракометни репрезентативци, дај Боже еден ден и великани, затоа што Борец и нему слични кои исчезнаа во минатото, му се потребни на македонскиот ракомет.

СТАТИСТИКА ЗА „ГИНИС“  !!!
5 од 6-те натпревари сезонава во мак-ракометот во кои биле примени 50+ голови на еден натпревар се на Борец

11/03/2023 ЗРК ГОЛДЕН АРТ АЕРОДРОМ – МРК БОРЕЦ 1950   53:09 (-44)
04/03/2023 МРК БОРЕЦ 1950 – РК АЕРОДРОМ                        09:49 (-40)
01/03/2023 РК АСТРАИОН ХЕНДБОЛ – МРК БОРЕЦ 1950         45:13 (-32)
02/12/2022 РК ДРАЧЕВО – МРК БОРЕЦ 1950                           56:18 (-38)
13/11/2022 РК МЕТАЛУРГ РА – МРК БОРЕЦ 1950                     59:26 (-33)
29/10/2022 РК АЕРОДРОМ – МРК БОРЕЦ 1950                         55:15 (-40)
02/10/2022 МРК БОРЕЦ 1950 – РК ДРАЧЕВО                           25:52 (-30)
12/11/2022 РК ГОЛДЕН АРТ КЛ7 – РК ПАРТИЗАН 2016 СПОРТ  51:29 (-38)