Македонската кошаркарска репрезентација е во Левице, каде утре против Словачка ќе го одигра претпоследниот натпревар од претквалификациите за Европското првенство.
Со четири победи и без пораз нашата репрезентација влегува во последниот „прозорец“ од претквалификациите за ЕП. Остануваа уште два натпревари со Словачка и Норвешка, директните конкуренти за првото место, единствено што носи пласман во главната фаза од квалификациите.
Затоа Македонија на овие натпревари ќе ја има улогата на фаворит смета и Адем Мекиќ.
„Одиме на овие гостувања со перфектен скор. Секако дека ни прилега и улогата на фаворит. Ситуацијата е таква што ни треба само една победа, за сигурно да го обезбедиме првото место и пласман во понатамошната фаза. Атмосферата е одлична, добро тренираме, немавме многу време да се подготвуваме, но повеќето играчи добро се познаваме. ТиЏеј Шорц е со нас. Тој покажа дека е големо засилување, така да одиме на победа и пласман во следната фаза“, истакнува Мекиќ.
Иако противниците имаат по две победи помалку од нашата селекција, сепак и тие си имаат свои математики, па црвено-жолтите ги очекуваат тешки дуели.
Првиот натпревар против Словачка на програмата е во четврток од 18 часот, а вториот против Норвешка ќе се игра во недела од 19 часот.