Големите фаворити во 23. коло во Англиската Премиер Лига, Манчестер Сити и Челзи останаа без планираните бодови. Избраниците на Пеп Гвардиола буквално ја прокоцкаа победата над Нотингем Форест и во финишот на натпреварот дозволија изедначување. Манчестер Сити имаше целосна доминација на натпреварот, водство од 41-та минута со голот на Бернардо Силва и огромен број пропуштени прилики.
Тимот на Нотигем Форест својот прв шут во рамките на противничкиот гол го упати во 84-тата минута кој значеше и изедначување. Резервистот Крис Вуд кој во игра влезе во 79-тата минута, само пет минути подоцна го шокираше Сити и донесе големи 1-1 за својот тим.
Со овој нерешен резултат, Манчестер Сити направи голем чекор назад во битката со Арсенал, па избраниците на Пеп Гвардиола сега заостануваат два бода и имаат натпревар повеќе во однос на лидерот Арсенал.
За целосно изненадување на денот се погрижи тимот на Саутемпон кој на Стемфорд Бриџ го шокираше Челзи и ја продолжи агонијата на ,,Сините” од Лондон, кои четири натпревари немаат ниту една победа и останаа на разочарувачката десетта позиција. Стрелец на победничкиот гол за Саутемптон беше Џејмс Вард-Праус во 45-тата минута.