Македонија на митингот во сала во Белград беше преставена со четири натпреварувачи во четири различни дисциплини.
Најдобар резултат постигна Андреас Трајковски кој во дисциплината скок во далечина го освои третото место во сениорска конкуренција или вкупно четврто (првопласираниот Божидар Сарабојков од Бугарија (скок 7.82) се натпреваруваше и во конкуренција У20). Трајковски овој резултат го оствари со скок од 7.60 метри. Тој оваа должина ја имаше во три наврати во четвртата, петтата и шестата серија. Претходно во првата серија имаше скок со должина од 7.54. Подобар резултат од него имаа Страхиња Јованчевиќ од Србија 7.78 метри и Марко Чеко од Хрватска 7.62 метри.
Дарио Ивановски трчаше на патеката од 1.500 метри и постигна резултат од 3:52.61 минути за вкупно 9-то место. Тој трчаше во првата од двете групи. Ивановски главна цел има резултат на 3.000 метри, но во отсуство на трки во сала, мораше да трча на двојно покусата патека.
Јован Стојоски настапи во трката на 400 метри и го освои вкупно 10.то место со резултат 54.70 секунди.
Единствена македонска претставничка беше Дрита Ислами во трката на 400 метри. Таа беше третопласирана во првата група или вкупно деветто место со време 56.37 секунди.