Иако вечерва во фокусот на вниманието на европската фудбалска јавност се осминафиналните дуели во Лигата на шампионите, сепак и во Лондон ќе се води голема битка.
Во неа лидерот на табелата Арсенал го пречекува актуелниот шампион во можеби еден од натпреварите кои ќе решаваат за шампионската титула во Премиер лигата.
Шпанскиот тренер на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека Сити ќе даде се од себе против Арсенал вечерва и дека „Граѓаните“ ќе се борат до последниот ден за титулата во Премиер Лигата.
„Ќе ја браниме титулата до последен ден. Мојата најголема мотивација е да не ја загубам Премиер Лигата само затоа што не сме на тоа ниво што треба да бидеме. Ако Арсенал победи, тоа ќе биде само зошто се подобри и ќе бидам прв кој ќе им честита, како што си правел досега во мојата кариера. Ова е тоа што сакам да го правам, да се борам до крај, со цел да ја зачувам титулата“, изјави тренерот на Сити.
Натпреварот не може да дојде во подобро време бидејќи Сити минатиот викенд со победа над Астон Вила ја намали разликата на три бода, а двете екипи се во неверојатна форма и се очекува одличен натпревар.
Борбата за највисоката позиција во лигата започнува вечерва во 20:30 часот на „Емирати“.
Интересен за овој дуел е тоа што тренерот на Арсенал, Микел Артета беше асистент на Пеп во Манчестер Сити во периодот од 2016 и 2019 година.