Женската сениорска репрезентација вечерва ги започна подготoвките за третиот и последен квалификациски циклус.
На првата прозивка на селекторот Ашаданов, се одзваа само седум кошаркарки, а недостасуваа оние кои настапуваат надвор од Македонија.
На првиот тренинг во СРЦ „Кале“ се појавија: Јелена Антиќ, Ивана Кметовска, Катерина Поп-Димитровска, Михаела Алексовска, Сања Адамовска, Цветанка Димова, и најмладата во ова друштво, Ања Начевска.
„Очекувам утре да се комплетираме, односно да ни се придружат кошаркарките кои играат во странство, во прв ред Анџелика Митрашиновиќ, Нена Трајчевска, и Александра Стојановска, кои се и носители на играта, и заедно со Тијана Митрева, и Милица Николиќ ќе направиме и некој посериозен тренинг пред заминувањето за Сараево кое е планирано за вторник навечер, и каде два дена подоцна ќе играме против селекцијата на Бих. Не би сакал да се повторувам, но извесно е дека повторно и во овој ФИБА ‘прозорец’ не сме комплетни, односно ја немам екипата која ја посакувам уште од почетокот на квалификациите. Но што е тука, е, со она што го имаме на располагање ќе се обидеме да играме добро, и да пробаме да изненадиме. Реално многу поголема шанса е дуелот со БиХ, која исто така има малку поразличен ростер во однос на ланскиот без најдобрата кошаркарка Џенкиел Џонс. Но, прво да се комплетираме, да одработиме она што можеме во овој краток временски период“,
изјави Ашаданов.
Во последните два натпревари од „А“ квалификациската група за пласман на Евробаскетот 2023 во Израел и Словенија, нашите кошаркарки ќе играат против селекциите на БиХ (9.февруари) во Сараево, и Белгија (12.февруари) во Скопје.