Ново разочарување за Македонската ракометна репрезентација на Светското Првенство во Полска, пораз и од Тунис со 33-28.
Избраниците на Лазаров, повторно тргнаа конфузно, па противникот во првите пет минути направи серија од 5-0. Ваквата серија беше причина, селекторот Лазаров да повика минута одмор. По тајм-аутот, полека влеговме во натпреварот, за да на полувреме заминеме со два гола негатива 14-16.
На почетокот на второто полувреме Македонија, заигра поквалитетно, па со мини серија дојдовме и до прво водство 18-17. Се играше гол за гол се до 21-21, а кога помисливме дека конечно фативме ритам, следуваа нови црни минути за нашата репрезентација, а противникот тоа го искористи и замина на четири позитива.
Од тој момент следуваа серија исклучувања и конфузна игра во нашите редови, а Тунис отиде на недостижни +6. До крајот на натпреварот, само се одржуваше разликата, а нашите обиди за некаков приклучок беа неуспешни, за конечни 33-28.
Најефикасен во тимот на Тунижаните, а воедно и на натпреварот беше Дармул со 8 погодоци, а одличен беше и Жалуз со 5. Во нашите редови најефикасни беа Манасков и Кузмановски со по 7 погодоци
Во третиот натпревар од групата Б, во Президент купот, Македонија ќе игра против Мароко, репрезентација која денес го победи Тунис. Победникот од тој натпревар ќе биде второпласиран во групата и ќе игра за 27-мо место.