Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски не успеа да се пласира во полуфиналето на фјучрсот во Монастир, Тунис.
Ивановски (543 место на АТП листата) во четвртфиналето за противник го имаше првиот носител Французинот, Робин Бертран (445 место на АТП листата) со кого одигра маратонски меч, што траеше 3 часа и 5 минути, а за жал го доби противникот со 2:1 во сетови.
Првиот сет го доби Французинот со 6-4. И во вториот сет што траеше речиси еден час, се водеше голема борба, по која македонскиот тенисер излезе како победник и го доби сетот со 6-4.
Во решавачкиот трет сет, Калин имаше предност од 5-2, но противникот прво го доби својот сервис, а потоа направи и брејк за намалување на 5-4.
Нашиот тенисер направи рибрејк за водство од 6-5, но го загуби својот сервис, па Французинот се избори за израмнување 6-6.
Во тај-брејкот Калин немаше сили па освои само три поени (7-3), со што Французинот го доби сетот со 7-6, а мечот со 2:1.
Со тоа Ивановски пропушти голема шанса да се пласира во полуфиналето на овој турнир што е со награден фонд од 15.000 долари.