Македонската ракометна репрезентација ги започна подготовките за Европското првенство што во јануари. Селекторот Кирил Лазаров јасно порача дека пред „црвено-жолтите“ е сериозен предизвик во група со светскиот и олимписки шампион Данска, Португалија и Романија.
На денешната прозивка Лазаров истакна дека континуитетот на настапи на големите натпреварувања е важен за македонскиот спорт и навивачите, нагласувајќи дека конкуренцијата на Европското првенство е исклучително силна.
„Континуитетот го имаме, пак сме на едно големо натпреварување, тоа е Европското првенство, што е нормално за македонскиот спорт и навивачите. Таму се најдобрите репрезентации во Европа и можам да кажам дека ЕП е дури и поквалитетно од СП“, изјави селекторот.
Тој посочи дека ждрепката била очекувана со оглед на шеширите и дека во првиот ред Македонија мора да се фокусира на сопствената подготовка.
„Нема да се жалиме, групата е таква каква што е. Кога си во трет шешир, прашање беше само дали ќе ја добиеме Данска, Франција или Германија. Го имаме светскиот и олимписки шампион, од вториот шешир Португалија која на последното првенство играше полуфинале, а третиот ривал е Романија“, додаде Лазаров, најавувајќи квалитетни подготовки овозможени од РФМ.
Притоа информираше дека селекцијата ќе биде слична на онаа од Светското првенство, со отсуство на Милан Лазаревски поради недоволна натпреварувачка форма.
„Составот е според стандардните, ќе ни фали Милан Лазаревски кој сè уште не е долечен и нема натпревар оваа сезона, па шанса добија други играчи“, рече селекторот.
Во однос на очекувањата, Лазаров повика на умереност и реален пристап.
„Наше е да го дадеме најдоброто од нас. Не е коректно да даваме преоптимистички изјави, туку да ветиме дека ќе го дадеме максимумот, па ќе видиме за што ќе биде доволно“, истакна тој, потенцирајќи го квалитетот на противниците и фактот дека Македонија е во процес на постепена смена на генерации.
„Полека ја променивме селекцијата, голем дел од играчите се истите од Светското првенство, поискусни за една година. Имаме време и мора да бидеме умерени оптимисти“, додаде Лазаров, нагласувајќи дека Романија нема да биде потценета. „Имаме максимален респект, се работи за селекција со традиција и заслужува почит“, заклучи селекторот.


































