Македонскиот шампион вардар конечно најде замена за аргентинецот Фабијани на испразнетото тренерско столче. Црногорскиот стратег Миодраг Божовиќ ,,Гроф”” е назначен за нов шеф на стручниот штаб на Вардар.

Раководството на клубот потпиша четиригодишен договор со искусниот фудбалски тренер, кој ќе остане на функцијата до јуни 2028 година.

Божовиќ доаѓа на местото на привремениот тренер Матија Мирков, кој ја водеше екипата по разделбата со Аргентинецот Кристијан Фабијани. Тој во својата кариера предводеше 23 клубови, меѓу кои Црвена Ѕвезда, Ростов, Локомотив Москва и Динамо Москва. Со екипата на Ростов го освои Купот на Русија, додека со Црвена Ѕвезда стана шампион на Србија во 2016 година.

Во стручниот штаб како помошници на Божовиќ влегуваат поранешниот голман Гого Јовчев и српскиот фудбалски тренер Дејан Мрваљевиќ. Новиот стручен штаб комплетно ќе ја преземе работата со тимот во четврток, по завршувањето на натпреварот во Купот на Македонија.

Вардар денеска му гостува на Овче Поле, а овој дуел ќе биде последен за привремениот предводник на екипата.

Вардар моментално се наоѓа на петтата позиција во Првата македонска фудбалска лига со освоени седум бода по пет одиграни кола. Официјалното деби на црногорскиот тренер е закажано за в понеделник на домашниот натпревар против екипата на Арсими.