Македонската фудбалска репрезентација денеска на тренинг центарот “Петар Милошевски” ги продолжува подготовките за гостувањето во Даблин.

Во пресрет на натпреварот, со Република Ирска, селекторот Гоце Седлоски се соочува со неколку предизвици. Дел од одлуките околу почетниот состав од претходниот натпревар против Данска отворија и одредени реакции во тимот.

Коњаспор и кинески Далиан, клубовите на Енис Барди и Исник Алими, официјално побараа двајцата репрезентативци да бидат ослободени од репрезентативните обврски. Сепак, Барди и Алими имаат јасен став дека сакаат да останат и бидат дел од националниот тим и ќе конкурираат за настап на дуелот.

Од друга страна, напаѓачот Бојан Миовски, по барање на Глазгов Ренџерс, но и со согласност од самиот фудбалер, е ослободен од обврските и веќе ја напушти репрезентативната база.

Дополнителен хендикеп за стручниот штаб претставува и повредата на Јани Атанасов, па нема да биде во можност да настапи на натпреварот во Даблин.

Во тимот ќе го нема и Александар Трајковски кој воопшто и не доби шанса на дуелот во Копенхаген, по што за одлуката на Седлоски следуваа бројни реакции.

Натпреварот меѓу Република Ирска и Македонија кој нема натпреварувачки карактер ќе се игра во вторник (31 март).