Македонската фудбалска репрезентација в четврток во Копенхаген ќе го одигра полуфинален бараж за Светското првенство.
Натпреварот против Данска привлече огромен интерес кај навивачите и кај спортската јавност. Данската федерација потврди дека стадионот „Паркен“ е веќе целосно распродаден за овој дуел. Околу 38.000 гледачи ќе ги бодрат домашните фудбалери во „пеколна“ атмосфера во Данска.
Македонските фудбалери под водство на новиот селектор Гоце Седлоски се подготвуваат во Скопје, а утре со чартер патуваат за Копенхаген. Седлоски на располагање ги има сите фудбалери кои се најдоа на неговиот список.
Данска се соочува со проблеми бидејќи клучниот дефанзивец Јоаким Андерсен е суспендиран за мечот. Дополнителен хендикеп за домаќините е отсуството на повредениот искусен напаѓач Јусуф Поулсен.
Победникот од овој дуел ќе се бори за мундијалски пласман против Чешка или Ирска.
Македонија сонува за нов подвиг сличен на историската победа над Италија во Палермо. Според најавите од ФФМ и Македонија ќе има солидна поддршка од трибините на „Паркен“ стадионот.
Натпреварот што ќе се игра во четврток ќе почне од 20:45 часот.


































