Навивачите на Бенфика денеска ќе може да уживаат во двојна елитна спортска понуда, натпревари во ракомет и фудбал.
Како предигра (загревање) во фудбалскиот од Лигата на шампиони, ќе се одигра ракометниот во Европската лига.
Македонскиот вицепрвак Вардар го стартува настапот во главната рунда од Лигата на Европа со гостување кај Бенфика.
Португалскиот тим секако ќе ја има предноста на домашниот терен и мотивот, да го надополни бодовното заостанување зад конкурентите. На табелата лидер е германскиот Мелсунген со четири бода, Вардар е втор со два, колку што има и Кристијанштад, додека Бенфика е без бодови.
Затоа од исклучителна важност е оваа фаза да се започне со позитивен резултат, јасно му е тоа на вардаровиот тренер Иван Чупиќ и неговите избраници.
Задачата нема да биде ни малку лесна бидејќи противникот располага со многу квалитетни ракометари на сите позиции. Но и Вардар во вториот дел од сезоната е посилен. По повредените, се вратија Милан Лазаревски, Мигел Еспиња и Мамаду Кеита, а пристигна и бразилскиот бек Жоао Педро.
Дуелот меѓу Бенфика и Вардар што е во рамките од третата група ќе почне од 18:45 часот. Вториот натпревар од оваа конкуренција ќе се игра од 20.45 часот, а Мелсунген ќе биде домаќин на Кристијанштад.





























