Синоќа во НБА се одиграа четири натпревари. Далас продолжува да губi, Индијана Пејсерс победија кај Њујорк по продолжение, а Виктор Вембањама го наполни кошот на Лос Анџелес Лејкерс, кои играа без важни играчи.

Виктор Вембањама блесна со 40 поени во победата на Сан Антонио Спарс над Лос Анџелес Лејкерс со 136-108.

Францускиот центар постигна 37 поени во првото полувреме, најмногу во НБА сезонава. Тој реализираше 12 од 17 шута и три тројки против ослабените Лејкерси. Вембањама одигра само 27 минути и додаде 12 скока за петтата победа по ред на Спарс. Ова беше десетта победа на тимот во последните 13 натпревари. Вембањама стана трет играч во последните 50 сезони со најмалку 40 поени за 27 минути.

Индијана Пејсерс ја прекинаа серијата од четири порази со триумф над Њујорк Никс 137-134 по продолжение.

Пејсерси постигнаа девет поени на стартот од продолжението и издржаа силен налет на Никс. Њујорк постигна осум поени за само 20 секунди, но не успеа да направи пресврт. Паскал Сиакам беше лидер со 30 поени, а Ендру Нембхард додаде 24 поени и 10 асистенции.

Хјустон Рокетс ги победија Лос Анџелес Клиперс со 102-95. Кевин Дурант постигна 26 поени, а Алперен Сенгун 22 поени, додека Кавај Ленард постигна 24 поени за гостите. Двата тима играат повторно во среда, последниот натпревар пред паузата за Ол-стар натпреварите.

Финикс Санс ги победија Далас Маверикс со 120:111, нанесувајќи им го осмиот пораз по ред. Дилон Брукс со 23 поени и Девин Букер со 19 беа најдобрите играчи на Санс, додека гостите ги предводеа Наџи Маршал со 31 поен и Купер Флег со 27 поени.

Ова е најдолгата серија без победа на „Маверикс“ од 2016 година.