Куманово за прв пат во својата историја ќе ги нагости најдобрите осум екипи во Купот „Благоја Георгиевски-Буштур“. 

Одлична прилика на едно место , во прес-центарот на спортската сала во Куманово да се соберат учесниците на финалниот турнир, на кој од 13. до 15 февруари ќе биде одлучен освојувачот на трофеј.

Традиционално, непосредно пред официјалниот дел од прес-конференцијата, победничката екипа во ланското издание МЗТ Скопје Аеродром, го доби во трајна сопственост трофејот кој го освоија пред една година на турнирот во Гевгелија.

Во таа прилика, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски му порача на капитенот на „металците“ барем оваа година пехарот да има друг сопственик.

Но Димитриевски доби негативен одговор од страна на еден од најтрофејните кошаркари и во ова натпреварување.

Првиот човек на општина Куманово, Максим Димитриевски напомена дека е горд што неговиот град е домаќин на најдобрите од македонската кошарка и додаде дека би сакал тоа да стане традиционално.

„Зошто и следната година завршниот турнир од Купот што го носи името на нашиот голем пријател, Благоја Георгиевски-Буштур кој за жал повеќе не е со нас, да не се игра во Куманово, односно тоа да стане своевидна традиција.

Верувам дека за следната година ќе го решиме и прашањето околу греењето и ладењето, што ни е крајна цел. Без разлика на сето ова, посакувам викендов да следиме квалитетна кошарка и да уживаме во мајсториите на актерите на теренот“ – посака Димитриевски.