Новиот формат на Лигата на шампионите донесе многу контроверзии, но токму последното осмо коло ќе ја покаже неговата вистинска драматичност.
Вечерва ќе се играат натпреварите од последното коло во групната фаза. Сите 18 натпревари ќе започнат истовремено во 21 часот. Борбата за осминафинале и пласман во Топ 24 ќе биде жестока и непредвидлива.
Според правилата, првите осум екипи на табелата обезбедуваат директен пласман во осминафинале, додека тимовите од деветтото до 24-тото место ќе мора да играат дополнителна нокаут рунда.
Арсенал и Баерн сигурни осминафиналисти
Засега само Арсенал и Баерн Минхен се сигурни патници во осминафиналето. За останатите шест осминафинални места во игра се дури единаесет екипи.
Ситуацијата е неверојатно тесна: осум клуба имаат по 13 бода, а Реал Мадрид со 15 е само три пред Јувентус, кој е на 15-тата позиција. Тоа значи дека секој гол и секој триумф ќе биде пресуден, особено за тимови како ПСЖ, Челзи, Барселона, Манчестер Сити и Атлетико Мадрид. Наполи е во најтешка ситуација, мора да го победи Челзи за да остане во игра. Карабах е на чекор до историски пласман во нокаут фазата.
Директни дуели како Клуб Бриж – Марсеј и Ајакс – Олимпијакос ќе решаваат кој ќе продолжи понатаму. Тотенхем може сензационално да се пробие во Топ 8 ако го совлада Ајнтрахт во Франкфурт. Англиските клубови доминираат со пет претставници во Топ 8. Единствено Манчестер Сити е надвор од елитата, но со победа над Галатасарај може да се приклучи.
Среда навечер ќе биде вистински фудбалски спектакл, со 18 натпревари што ќе се играат паралелно и табела која ќе се менува од минута во минута.



































