Вечерва стадионот „Крал Абдула“ во Џеда, Саудиска Арабија, ќе биде домаќин на уште едно историско „Ел Класико“. Во рамките на финалето на шпанскиот Супер куп, Барселона и Реал Мадрид ќе ги одмерат силите во директна пресметка за првиот голем трофеј во сезоната.

Веќе неколку години по ред Супер купот на Шпанија се игра турнирски во Саудиска Арабија. Тоа пред се поради комерцијални причини.

Барселона е актуелен освојувач на тројната круна во Шпанија, а пласман во финалето обезбеди со доминантната победа над Атлетик Билбао со 5:0. Од друга страна „Кралскиот клуб“ патот до завршницата го трасираше преку градското дерби, совладувајќи го Атлетико Мадрид со 2:1.

Вечерашниот натпревар носи посебен мотив за двете екипи. Барселона ќе се обиде да го повтори успехот од минатата година кога во финалето славеше убедливо со 5:2.

Реал Мадрид пак влегува во мечот со самодоверба по победата во првото сезонско „Ел Класико“. Во октомврискиот дуел одигран во Мадрид во рамките на Ла Лига „кралевите“ беа поуспешни со 2:1.

Барса има 15 трофеи во Супер купот, а Реал два помалку, но резултатот во финалето е 7-3 во меѓусебните дуели за мадридскиот тим.

Со оглед на моменталната форма и влогот кој го носи овој трофеј, се очекува бескомпромисна борба на теренот во Џеда. Натпреварот ќе почне во 20 часот.

Следете нé на социјалните мрежи