Дерби натпреварот воедно и последен од 7.коло во Првата кошаркарска лига се одигра вечерва во Свети Николе. Кошаркарите на Овче Поле го пречекаа велешки Борец, a гостите беа оние кои се радуваа на победа со 70-74.

Рамноправно се играше во првата четвртина во која гостите во најголемиот дел имаа два до три поени предности. Сепак, првите 10 минути ги добија домаќините со 16-14. Американецот Семедо беше нерешива енигма за гостите, а првиот дел го заврши со дури 18 постигнати поени. Овче Поле во 18 минута имаше двоцифрена предност со 35-25. Со тројката на Американецот, Елис (11 поени), Борец намали 35-28.

На почетокот на вториот дел Овче Поле имаше и најголеми +11 (41-30), но таа предност брзо се стопи. Велешани возвратија со единаесет поени во низа и израмнија на 41-41. До крајот на периодот се играше кош за кош, а домаќините во завршните 10.минути влегоа со поен предност 53-52.

Во последниот квартал, кај Борец се „разбуди“ Давид Трпески. Со неговите девет поени во низа, и две асистенции, Борец поведе со најголеми осум поени посредност, 55-63 на пет минути до крајот. И наместо да ја продолжат истата игра, гостите дозволија на Овче Поле да се врати и израмни на 63-63. И тогаш повторно Трпески ја презеде работата во свои раце. Со нови пет поени во низа, две украдени топки и асистенции, му создаде предност на својот тим од пет поени 65-70. Тоа се покажа како решавачки момент, па Борец баскет на крајот заслужено славеше со 70-74.

Американецот, Елис со 20 поени беше прв стрелец во победничката екипа, за која Трпески постигна 16 (13 во последната четвртина). На спротивната страна 22 поени за Американецот, Семедо, но само четири по второто полувреме. Со оваа победа, Борец сега има 10 бода како и Бутел, еден помалку од лидерскиот тандем Струмица ФМП и Соколи Штип. Тимот на Овче Поле сега заостанува, две, односно, три победи зад овој квартет.

Следете нé на социјалните мрежи