Лионел Меси блесна со својот втор хет-трик во МЛС Лигата, предводејќи го Интер Мајами до убедлива победа од 5-2 против Нешвил.

Натпреварот започна со доминација на Меси, кој во 35-тата минута го отвори резултатот со прецизен удар надвор од шеснаесетникот, постигнувајќи го својот 27-ми гол во сезоната. Нешвил успеа да израмни преку Сем Сариџ во 43-тата минута на 1-1.

Во судиското дополнение (45+6) домашниот тим на Нешвил преку Хани Мухтар повторно дојде до водство 2-1, резултат со кој се замина на одмор.

Во второто полувреме, Мајами доби пенал, а Меси го реализираше за израмнување на 2-2 во 62-та минута. Само четири минути подоцна, Балтасар Родригез го донесе водството на Интер Мајами со прецизен удар за 3-2.

Меси го комплетираше својот хет-трик во 81-вата минута зголемувајќи го водството на 4-2. Во последните моменти од натпреварот, Теласко Сеговија го постави конечниот резултат од 5-2.

Меси за кој ова е втор хет-трик сезонава е најдобриот стрелец во лигата со 29 голови, а има и 19 асистенции.

Следете нé на социјалните мрежи