Барселона продолжува со победничкиот ритам во Ла Лига, совладувајќи го Реал Сосиедад со 2:1 со 7.коло од сезоната.

Натпреварот започна со доминација на Барселона, која преку Маркус Рашфорд имаше прва сериозна шанса, но токму гостите беа тие што први го најдоа патот до мрежата. Одриозола искористи празен простор во одбраната и го отвори резултатот за 0:1. Барса брзо се врати во игра. Рашфорд од корнер маестрално асистираше, а Жил Кунде со прецизен удар со глава израмни на 1:1.

Во второто полувреме, Барса ја засили офанзивата и дојде до целосен пресврт. Младиот Јамал испрати одличен центаршут, а Роберт Левандовски со глава ја затресе мрежата за конечни 2:1.

До крајот на мечот, Барселона ја контролираше играта и не дозволи нови изненадувања, обезбедувајќи ја шестата победа во првенството.

Со оваа победа, каталонскиот гигант се искачи на врвот на табелата со 19 освоени бодови, пред Реал Мадрид со 18 и Виљареал со 16, додека Сосиедад останува во опасната зона, на 17-тото место со само пет бодови.