Возачот на Мекларен, Ландо Норис, конечно ја запиша својата прва победа на домашен терен. Тој триумфира на Големата награда на Велика Британија , 12-та трка од сезоната во Формула 1.

Британецот ја искористи грешката на својот тимски колега Оскар Пјастри и стигна до четвртата победа оваа сезона.

Во трка исполнета со драма и пресврти, пропратена со дожд во поголемиот дел, Норис ја искористи шансата што му се отвори, по ре-стартот на трката. Пјастри, кој до тој момент водеше, направи клучна грешка, забрза, па потоа нагло забави, што е спротивно на правилата за ре-старт. Тоа му донесе казна и го чинеше победата.
Норис ја заврши трката со седум секунди предност пред Пјастри, кој мораше да се задоволи со второто место.

Најголемото изненадување на денот го приреди Нико Хулкенберг од Кик Заубер. Германецот, кој стартуваше од 19-тата позиција, успеа да се пробие низ до третото место . За него тоа е прв подиум во кариерата, и тоа во својата 242-ра трка во Формула 1.

Актуелниот шампион Макс Верстапен, кој стартуваше од пол-позицијата, направи слична грешка како Пјастри и заврши на петтата позиција. Пред него се пласираше Луис Хамилтон, кој има најмногу победи во историјата на Силверстоун.

Во Генералниот поредок лидер останува Пјастри кој сега има 234 бодови, само осум повеќе од Норис (226). Макс Верстапен кој е трет, заостанува зад тандемот на Мекларен (165 бодови) и полека ја губи трката за титулата.

Следната трка од календарот е закажана за три недели на 27 јули, кога ќе се вози за Големата награда на Белгија.