Калин Ивановски успеа да избори пласман во четвртфиналето на ИТФ фјучрсот во Загреб откако во мечот од 2.коло го совлада вториот носител Душан Обрадовиќ од Србија со 2-1 во сетови.

Во мечот што траеше 2 часа и 8 минути, Ивановски успеа да направи пресврт и да се избори за утрешното четвртфинале, во кое ќе игра против домашниот тенисер Вито Тонејц.

Ивановски поведе во мечот, но во третиот гем на сервис на македонскиот тенисер Обрадовиќ направи брејк за предност од 2:1. Потоа и во петтиот гем вториот носител имаше уште еден брејк за 4:1 и сетот го заврши со 6:2 во гемови. Загубениот прв сет сепак не остави негативни последици кај Ивановски, кој во следните два сета на ривалот му препушти три гема.

Во вториот, Калин поведе со 3:0, а единствениот гем Обрадовиќ го освои на свој сервис во четвртиот гем. Ивановски направи и втор брејк во сетот за 5:1, а сетот го заврши со 6:1 во гемови.

Во решавачкиот сет на стартот по еден брејк за двајцата играчи. По 2:2 во гемови Ивановски направи серија од четири гема за 6:2 во решавачкиот сет.