Португалија вчеравечер во Минхен ја победи Германија и стана првиот финалист во Лигата на Нациите, вечерва ќе го дознаеме вториот.
Тоа ќе биде реприза на финалето од 2021 година и дуел на последните два освојувачи на трофејот во ова натпреварување, Шпанија и Франција.
Трето во низа финале за Шпанија која го брани трофејот од лани
Шпанија се пласираше во последните четири екипи со драматична победа во четвртфиналето над Холандија. По нерешениот резултат 2-2 во Ротердам, Шпанија победи во реваншот со 5-4 благодарение на голот од пенал на Педри.
За „црвената фурија“ ова е трето полуфинале, во кое ќе атакува на вториот пласман во финалето. Шпанците воедно се и бранители на трофејот од лани, кога во Ротердам на пенали ја победија Хрватска.
„Ние сме во финалната четворка, тука нема фаворити. Четири натпревари, сите може да бидат финалиња.
Многу ми е тешко да кажам дека сме фаворити кога сме опкружени со толку добри екипи. Секој може да победи на ова натпреварување“, истакна шпанскиот селектор Луис де ла Фуенте.
Франција посакува реприза од пред две години
На Франција ѝ беа потребни и пенали за да се пласира во полуфиналето, откако се врати од негатива од 2-0 во првиот натпревар против Хрватска. Михаел Олисе и Усман Дембеле го израмнија резултатот во Париз. Во пенал „рулетот“ Упамекано го постигна решавачкиот погодок за „Триколорите“.
Не ми се допаѓа зборот „одмазда“. Ова е различен турнир и е ново полуфинале со можност за пласман во финалето.
Но, нема да се вратам на полуфиналето на ЕУРО 2024 минатата година“, изјави Дидие Дешан, селектор на Франција
Меѓусебни дуели
Долга е традицијата на меѓусебните дуели на овие две селекции. Сепак, најсвежи се сеќавања на победата на УЕФА ЕУРО 2024. Шпанците се враќаат во Германија со надеж за уште еден триумф. Минатото лето Јамал и Олмо ѝ донесоа победа на Шпанија над Франција во полуфиналето на ЕУРО 2024.
Овие две репрезентации играа во второто финале на ова Лигата на Нациите во 2021 година. На „Сан Сиро“ во Милано „Триколорите“ славеа со 2-1 со головите на Бензема и Мбаше, откако Ојарзабал и донесе тогаш предност на Шпанија.
Овој пат, место во финалето на „Алијанц“ арена во Минхен ќе има само за победникот, кој го чека Португалија. Кој ќе биде тоа ќе дознаеме по натпреварот во Штутгарт што ќе почне од 21 часот