Селекторот на најдобрата македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, денеска на средба со новинарите.

Тој го објави списокот со повикани фудбалери за претстојните квалификациски натпревари за Светското првенство против Белгија и Казахстан.

Пред овие натпревари Милевски се соочува со големи проблеми во изборот,  поради повреди.

Неизвесни се Миовски, Димовски и Алими, а ќе недостасуваат Велковски, Серафимов и Ќамили. Во националниот тим ќе има и еден дебитант Стефан Деспотовски.

Сепак Милевски смета дека оние кои ќе бидат на располагање ќе одговорат на предизвикот.

,,Македонија секогаш кога се судрувала со предизвици знаела да се издигне и да го даде максимумот. 

Верувам дека така ќе биде и сега иако за противник ќе имаме една од најдобрите европски селекции Белгија”, изјави Милевски.

Јасно е дека Милевски и неговите избраници ќе имаат исклучително тешка задача, но селекторот смета дека:

,,Македонија ќе мора да се издигне над проблемите и да биде многу, многу подобра од претходните настапи во јуни месец, кој секогаш бил проблематичен”, потенцира Милевски.

Македонските фудбалери по двата одиграни натпревари, победата над Лихтенштајн и несреќното реми со Велс се први на табелата во „Ј“ групата. Сепак за црвено-жолтите сега претстои најголемиот предизвик дуелот со топ-фаворитот во групата Белгија која досега нема играно.

Собирот на репрезентацијата е закажан за утре во 13 часот, по што попладне ќе биде обработен и првиот тренинг.

Натпреварот со Белгијците ќе се игра на арената „Тодор Проевски“ во Скопје на 6 јуни (20.45 часот). Три дена подоцна (9 јуни – 16 часот), македонските фудбалери ќе му гостуваат на Казахстан.

Следете нé на социјалните мрежи