На европската фудбалска сцена, вечерва вниманието ќе го привлечат куп натпреварите во Шпанија, Италија и Германија.

Баер брка ново финале и одбрана на трофејот во „ДБФ покал“

Актуелниот шампион и бранител на трофејот во германскиот Куп, тимот на Баер Леверкузен вечерва гостува во Билефелд кај Арминија во првиот полуфинален дуел.

Во вториот, утревечер, за место во финалето ќе се борат екипите на Штутгарт и Лајпциг.

Двата натпревари ќе се играат во терминот од 20.45 часот.

Во Мадрид се решаваат финалистите во „Кралскиот Куп“

И во Шпанија ќе ги дознаеме екипите кои ќе се борат за трофејот. Таму на програмата се реванш полуфиналните дуели, а двата ќе се играат во Мадрид.

Вечерва на „Сантијаго Бернабеу“, Реал ќе стартува со предност од еден гол во дуелот со Сосиедад. Утревечер на стадионот „Метрополитано“, екипите на Атлетико и Барселона ќе почнат од „нула“. Ова откако првиот натпревар во Барселона заври со осум постигнати голови и нерешен резултат 4-4.

И во Шпанија двата натпревари ќе почнат во ист термин од 21.30 часот.

Миланско дерби во „Копа Италија“

Во „Копа Италија“ на програмата се првите полуфинални дуели. Емполи и Болоња вечерва го играат својот прв натпревар. За утревечер закажано е големото миланско дерби, во кои ќе се сретнат лутите ривали Милан и Интер.

Сепак финалистите во италијанскиот Куп ќе ги дознаеме на 23 и 24 април за кога се закажани реванш дуелите.