Фудбалската репрезентација на Македонија одигра „реми“ со Велс во вториот натпревар од квалификациите за СП 2026 година.
На арената „Тодор Проевски“ во Скопје, пред 20-тина илјади гледачи, Македонија и Велс одиграа 1-1, со головите постигнати во судиското дополнение.
И овој натпревар македонските фудбалери го играа во темни дресови, а пред почетокот уште еднаш беше оддадена почит кон загинатите во кочанската несреќа.
Во првото полувреме за нијанса повеќе топката во свој посед ја имаа македонските фудбалери. Најчесто се играше на средината на теренот. Сепак, гостите беа оние кои при се заканија и тоа во два-три наврати, но Столе Димитриевски одлично интервенираше. Во финишот на првиот дел по корнерот на Барди со тежок волеј удар се обиде Алиовски, но тоа заврши високо над голот на гостите.
Воведните минути од вториот дел не донесоа ништо по возбудливо. Затоа белег остава 59-тата минута кога цел стадион со аплауз оддаде почит на жртвите од Кочани, а тоа го испочитуваа и гостинските навивачи и фудбалери.
Само неколку минути подоцна односно 64-тата минута голема можност за нашата селекција да поведе. По брзата контра и центаршутот од левата страна, Чурлинов се најде во идеална позиција., Неговиот волеј го одбрани гостинскиот голман.
Десет минути подоцна голема шанса за Велшаните пропушти Џонс или подобро кажано Муслиу спаси од гол линијата на Димитриевски. Во 87.минута нова шанса за Македонија. По акцијата на Барди и Алиовски, за малку задоцнија Чурлинов и Миовски.
Кога се влезе во судиското дополнение следуваа двата гола. Големата грешка на Џо Ален (90+1) ја искористи Миовски за гол и водство на Македонија. Велшаните не се откажаа, напротив тргнаа на се и нешто и тоа за жал им донесе резултати. Брукс во шестата минута од дополнето им донесе бод на гостите со конечни 1-1.
Инаку вечерва се игра уште еден натпревар во групата „Ј“ во кој Лихтенштајн загуби од Казахстан со 0-2.
Македонија е прва на табелата со 4 бода колку што има и Велс, а Казахстан е трет со еден помалку. Белгија која сеуште нема играно, како и Лихтенштајн се без бодови.
Мундијалските квалификации продолжуваат во јуни месец кога Македонија ја очекуваат нови два натпревари., првиот на 6 јуни во Скопје ја пречекуваме фаворизираната Белгија, а три дена подоцна (9 јуни) му гостуваме на Казахстан.
