Македонскиот олимпиец и најдобар атлетичар последните години Дарио Ивановски го освои второто место и сребрениот медал на Балканското првенство во полумаратон што се одржува во склоп на полумаратонот во Атина на исклучително тешка патека.
Ивановски беше лидер до 10 километар, а на следната контрола од 13,05 км Романецот Драгош Лука Поп успеа да се доближи до македонскиот атлетичар. На следната контрола Романецот Поп го презеде водството. Во целта Ивановски „влезе“ со резултат – 1 час 5 минути и 19 секунди или 30 секунди зад победникот.
Победникот Поп имаше резултат – 1:04.49 час, додека бронзениот медал го освои Николаос Стамулис од Грција со време 1:05.34 час.
Во женеска конкуренција Македонија ја претставуваше Адријана Поп Арсова, која полумаратонската трка ја заврши на седмото место со време – 1:19.04 час (4:48 минути зад победничката). Првото место кај дамите го освои Анастасија Маринаку од Грција со време – 1:14.16 час.