И официјално македонскиот ракомет има нов предводник. Она што беше најавувано одамна се потврди на денешното Годишно изборно собрание на Ракометната федерација на Македонија (РФМ).

Александар Стефанов со 50 гласови од вкупно 51 делегат е избран за нов претседател на РФМ.

„Сакам сите заедно да придонесеме ракометот да остане национален спорт број 1 во Македонија.

Јас функција ќе ја извршувам про-боно, без никаков надомест.

Ќе направам се да продолжиме да остваруваме успеси на сите полиња“, изјави Стефанов по неговиот избор.

Младиот бизнисмен, е шестиот претседател на Ракометната федерација, која најдолго ја предводеше доскорешниот Живко Мукаетов кој на чело на РФМ беше од 2013 години. Претходно таа функција ја извршуваа и: Михајло Михајловски, Трифун Костовски, Душко Кадиевски и Иван Бојков.