Лидерот во македонското првенство Алкалоид вечерва има нов европски испит гостува во Италија кај екипата на Бриксен во рамки на осминафиналето од Европскиот куп. За избраниците на тренерот Кирил Лазаров ова е прв евро натпревар во оваа година откако во првиот дел од сезоната во двете кола забележаа четири победи на четири натпревари.

Во продолжението на сезоната во домашната лига Алкалоид „запиша“ победа против Струга, каде одбраната прими 14 голови, што беше одлична подготовка за денешниот дуел со Бриксен. Италијанскиот тим се наоѓа на седмото место на табелата во Серија А, а тие како Алкалоид минатата сезона завршија како победници на италијанскиот куп.

Во таборот на Алкалоид се максимално внимателни особено по настапите на Италија на Светското првенство кое се играше минатиот месец.

Натпреварот во Бриксен почнува во 19 часот, а ќе го судат Ив Шолс од Холандија и Стефан Мартенс од Белгија.