Младиот македонски кошаркар Никола Костов (15) изминатите неколку дена настапуваше на силен турнир на Европската младинска кошаркарска лига (EYBL).

Костов беше единствен претставник од Македонија на овој силен турнир во Букурешт, каде настапуваше на покана на „Budapest Prep Academy“. Тоа е тим составен од надежни и талентирани играчи од цела Европа. Турнирот се организира по форматот на популарната кошаркарска сениорска Евролига и таму настапуваат најдобрите младински екипи од цела Европа.

Никола настапуваше со свои врсници, талентирани кошаркари од Италија, Романија, Англија и други земји. Тој успеа да блесне, освојувајќи ја наградата најкорисен играч (MVP) на својата екипа.

Поради прикажаната игра, Костов доби и повик да учествува во големото финале што ќе се игра на крајот на сезоната во Рига, Латвија.

Костов инаку е член на македонската екипа Водно Санс, каде настапува во две селекции (кадети и јуниори) со својот постар брат, Матеј Костов.