Ракометарите на Вардар и Охрид забележаа победи во натпреварите од 13.коло на машката ракометна Супер лига.
Вардарци до 12-тиот триумф стигнаа на гостувањето во Велес каде го совладаа Бисинов Ф.Л. со 41-29. Во ниту еден момент не беше доведен во прашање победникот на овој меч во кој домаќините беа рамноправни до 20-тата минута. Вардар на одмор замина со четири голови предност, а брзо во второто полувреме таа беше удвоена. Црвено-црните рутински ја зголемуваа разликата и на крајот славеа со +12 (41-29).
Прв стрелец на натпреварот беше Пинто Мигуел со 7 голови за Вардар за кој Ларс Коиј постигна 6, а Родригез и Димитро завршија со по 5 голови.
На дуелот во Скопје, каде Бутел го пречека Охрид победникот беше решен во второто полувреме. Во најголемиот дел од првиот дел домаќините беа оние кои водеа, за на полувреме да се замине со израмнети 15-15. Првата опиплива предност гостите ја направија во 40-тата минута кога поведоа со 24-18. Тоа се покажа и како решавачки миг, бидејќи Бутел постојано ја бркаше таа негатива, но никако не успеа да се закани. Охрид на крајот заслужено славеше со 33-28.
Гал Цицар со 7 голови за Охрид беше прв стрелец на натпреварот. По 5 гола за победникот постигнаа Гоце Ојлески и Живан Пешиќ.
Во првиот меч од ова коло шампионот Еурофарм Пелистер славеше убедливо над Струга. Во тек е дуелот во Прилеп, а последните два од оваа рунда ќе се играат во вторник и среда.
СУПЕР ЛИГА (МАЖИ) следни 13.коло
Сабота
БИСИНОВ ФРУИТ ЛЕНД – ВАРДАР 29-41
БУТЕЛ – ОХРИД
СТРУГА – ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 25-43
ПРИЛЕП – МРК КУМАНОВО во тек
вторник
18:00 РАДОВИШ – АЛКАЛОИД
среда
18:00 ТИКВЕШ – ПРОЛЕТ