Тимовите на Армани Милано и Париз забележаа нови победи во Евролигата. Екипите за кои играат македонските репрезентативци Ненад Димитријевиќ и Ти-Џеј Шорц славеа на гостувањата во Белград и Барселона.

Димитријевиќ со Армани славеше во Белград кај Партизан со 88-81. Нено на теренот мина само 9.30 минути период во кој реализира само една тројка и мечот го заврши и со 3 загубени топки.

Американецот со македонски пасош Ти-Џеј Шорц беше прво име на натпреварот во Барселона. Тој го предводеше својот Париз до шестата победа во низа совладувајќи ја Барса со 103-87. Малку недостасуваше Шорц да оствари дабл-дабл, а натпреварот го заврши со 24 поени и 9 асистенции.

Со оваа победа (вкупно седма) Париз е во групата од пет екипи кои имаат само една победа помалку од водечкиот Фенербахче. Тимот на Милано е меѓу трите екипи со скор 4 победи и 6 порази.