Фудбалската репрезентација на Македонија, вечерва ќе го одигра претпоследниот натпревар во Лигата на Нациите.
На националната арена „Тодор Проевски“ во Скопје, гостува репрезентацијата на Летонија.
Ова е натпревар од 5.коло во „Ц“ сегментот на Лигата на Нациите во кој Македонија влегува од првата позиција. На нашите фудбалери доволен им е еден бод за да го потврдат првото место во групата. Македонија досега собра 10 бодови, шест повеќе од Ерменија и Летонија, а седум повеќе од Фарските Острови.
Сепак во црвено-жолтиот табор, мислите се насочени само кон победи, на денешниот, но и натпреварот во недела против Фарските Острови.
Македонија има шанса за четврта победа во низа, нешто што досега го немаме направено. Воедно против Летонците ќе се брка петтиот триумф откако претходниот го остваривме на гости минатиот месец, кога ги совладавме со 2-0.
Избраниците на селекторот Милевски, сакаат да потврдат дека не случајно се најдобри во оваа конкуренција. Тие очекуваат дека ќе ја добијат заслужената поддршка од публиката, која би била во поголем број на арената „Тодор Проевски“.
Натпреварот Македонија – Летонија ќе се игра во терминот од 20.45 часот. Претходно од 18 часот во нашата група ќе играат Ерменија и Фарски Острови.