Македонскиот Олимписки Комитет го најавува отворениот повик за избор на официјалната маскота на 18-тото издание на Европскиот Младински Олимписки Фестивал (ЕМОФ) 2025. Игрите ќе се одржи од 19 до 26 јули следната година во Скопје.
Граѓаните од сите возрасти од денеска ќе добијат уникатна можност да го изберат симболот кој ќе го претставува младинскиот спорт и ќе ги инспирира идните генерации спортисти.
Повикот е дел од настојувањето да се вклучи јавноста во процесот на креирање на фестивалот, правејќи го настанот инклузивен и блиску до срцето на македонскиот народ.
Маскотата ќе биде симбол на вредностите на ЕМОФ – единство, пријателство, почитување и спортски дух. Истата ќе биде присутна на сите настани и промоции поврзани со фестивалот.
„Изборот на маскотата за ЕМОФ 2025 не е само одлука, туку можност за сите нас да создадеме симбол кој ќе биде дел од историјата на овој значаен спортски настан.
Ги охрабруваме сите граѓани да учествуваат во изборот и да го дадат својот глас за маскотата која најдобро ги претставува младинската енергија и спортската култура на Македонија”, изјави Даниел Димевски, претседател на МОК.
Гласањето ќе се одвива онлајн на официјалната веб-страница на фестивалот. Маскотата која ќе добие најголема поддршка ќе биде прогласена за официјална на ЕМОФ 2025. Процесот на избор започнува од денеска (6 ноември) и ќе трае до 10 ноември 2024 година.
Ова е единствена можност за македонските граѓани да бидат дел од креирањето на симболот кој ќе ги инспирира младите спортисти од цела Европа
Придружете се и гласајте за маскотата на ЕМОФ 2025 – бидејќи заедно можеме да го направиме фестивалот незаборавен.
За повеќе информации и пристап до гласањето, посетете ја официјалната веб-страница на Европскиот Младински Олимписки Фестивал 2025. Организатор на фестивалот е Град Скопје, а ко-организатор е Македонскиот олимписки комитет (МОК).
Сите заинтересирани можат да гласаат за една од маскотите, Перо, Томе или Shiny на следниот линк – https://skopje2025.sporteurope.org/mascot-poll/