Актуелниот селектор на Аргентина, Ѓиљермо Милано ќе седне на клупата на РК Вардар, и најмалку до крајот на сезоната ќе ги предводи „црвено-црните“. Постигнат е договор за соработка до крајот на сезонава, со можност истиот да биде продолжен. На почетокот на следниот месец Милано ќе пристигне во Скопје и ќе ја преземе екипата на Вардар.

Милано е професионалец со над 20 години искуство како тренер во клубови и во машката репрезентација на Аргентина. Има учествувано на над 50 меѓународни турнири, вклучувајќи 4 Олимписки игри, 19 светски првенства, 4 Панамерикански игри, 4 Јужноамерикански игри, 16 Панамерикански првенства и 20 меѓународни турнеи.

Во своето тренерско образование има учено и бил на обуки на многу познати тренери како Талант Дујшебаев, Мануел Каденас, Мануел Лагуна, Дидие Динар, Ксавиер Пасквал и Тони Жерона.

Во моментов е селектор на машката репрезентација на Аргентина каде се наоѓа на позицијата од 2021 година. Со „Гаучосите“ настапи на последните ОИ во Франција, на СП 2023 година во Полска и Шведска, а беше победник на Панамериканските игри во 2024 година победувајќи го Бразил.

„Огромна чест е да добиеш повик од еден од најпрестижните тимови во Европа, и ја имав привилегијата да го следам клубот долги години во нивните настапи во Лигата на шампионите.

Од Македонија ја покорија Европа со својот нескршлив карактер и борбеност инспирирајќи ги ракометните фанови насекаде.

Како што го носам моето 20-годишно искуство со аргентинските репрезентации, исто така се обврзувам да и пристапам на оваа улога препознавајќи го наследството на големите тренери кои беа пред мене.

Целосно сум посветен да дадам се за Вардар, да оставам се на теренот и да придонесам за континуиран успех на тимот.

Возбуден сум што ќе бидам дел од ова ново поглавје во мојата кариера и ќе помогнам да се напише следното поглавје во историјата на Вардар, изјави Милано.