Лидерот на табелата во ракометната Супер лига екипата на Алкалоид ја забележа и деветтата победа во првенството откако попладнево како гостин го совлада тимот на Пролет со 39:26 (20:15). На вториот дуел од 9.то коло Охрид триумфираше во Куманово против МРК Куманово со 39:33 (19:15). Двата натпревара се играа денеска поради обврските на Алкалоид и на Охрид во еврокуповите во деновите од викендот.

Алкалоид беше доминатен во дуелот со Пролет, а домаќинот нерешен резултат имаше само во два наврати на почетокот на натпреварот. Избраниците на тренерот Кирил Лазаров ја потврдија разликата во квалитет и стигнаа до нова победа во првенството.

На дуелот во Куманово домашната екипа беше рамноправна со фаворитот од Охрид во поголемиот дел од првото полувреме кога имаше и водство, а последното беше 12:10. Следуваше серија од 5-0 за избраниците на Стевче Алушовски и водство од 15:12, што се покажа како решавачко за победата.

ТАБЕЛА: Алкалоид 18 бодови, Вардар и Охрид по 16, Еурофарм Пелистер 14, Бутел 10, Тиквеш 7, Прилеп 7, Пролет 6, МРК Куманово 4, Струга 4, Бисинов Фруит Ленд 3, Радовиш 1.