Ракометарите на Вардар осми пат се радуваа на победа до домашната Супер лига. Во дуел од 9.коло одигран во Кавадарци, Вардар го победи Тиквеш со 33-23.
Вардарци го скршија отпорот на кавадарчани во последните 15-тина минути. По рамноправното прво полувреме во кои ниту една екипа не создаде поголема предност, така беше и во првата половина на вториот дел.
Беше израмнето 18-18, по што следуваше серија од четири гола на црвено-црните. Од тој миг, избраниците на Недановски полека го приведуваат мечот кон своја полза, за на крај да слават со убедливи 10 голови разлика.
Ашраф Маргели постигна осум гола, сите во второто полувреме, со кои беше најдобар стрелец во победничката екипа за која Младен Крсманчиќ додаде шест гола.
Со оваа победа Вардар со 18 бодови се израмни со Алкалоид кој е лидер на табелата, но тимот од Автокоманда досега нема пораз. Алкалоид во среда ќе го игра својот натпревар од ова коло и тоа против Пролет.
Покрај овој натпревар попладнево се одигра и дуелот во Велес во кој Бисинов Ф.Л. загуби со еден гол разлика во дуелот со Бутел.
СУПЕР ЛИГА (МАЖИ) 9.коло
Сабота
ТИКВЕШ – ВАРДАР 23-33
БИСИНОВ ФРУИТ ЛЕНД – БУТЕЛ 25-26
Недела
14:00 СТРУГА – ПРИЛЕП
Среда 30.окт.
18:00 ПРОЛЕТ – АЛКАЛОИД
????? МРК КУМАНОВО – ГРК ОХРИД
Петок
ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР – РАДОВИШ 45-23