Во пресрет на утрешниот натпревар од Лигата на нации против селекцијата на Ерменија, селекторот Благоја Милевски ја потенцираше важноста на средбата.
Милевски е сигурен дека репрезентативците ќе ги повторат страста и желбата со кои му пристапија на натпреварот против Летонија. Тој верува дека повторно Македонија ќе се дојде до позитивен резултат.
„Кажав дека натпреварите меѓу Македонија и Ерменија ќе одлучуваат за првото место во групата и стојам зад таа изјава.
Пред почетокот на овој октомври циклус целта ни беше да останеме на првото место. Не е важно како ќе дојдеме до таа цел, треба само да ја оствариме.
Целата подготовка е насочена кон Ерменија и како треба да изгледаме на терен. Утрешниот меч ќе биде поинаков од тој пред три години, а и од последниот минатиот месец.
Како да е судбина да играме против Ерменија, квалитетни се и нема да ги потцениме“,
изјави Милевски.
И ко-капитенот на селекцијата Димитриевски го дели мислењето со селекторот. Тој нагласува дека секоја победа, па макар и со 1-0 би била драгоцена.
„Овој натпревар можеби е одлучувачки за првото место во групата, па ако со победа го осигуруваме првото место, тогаш нека биде и минимална победа од 0-1, но да бидеме први.
Со Шишковски често разговараме за ерменските репрезентативци и спремни сме за натпреварот. Секогаш детално анализираме без разлика кој е нашиот противник.
Имаме одлична соработка со одбранбените фудбалери на последните три натпревари и верувам дека и утре нема да примам гол.
Сите натпревари се тешки, се спремам за сите натпревари на ист начин. Така ќе биде и утревечер“,
изјави Димитриевски.
Утрешниот натпревар меѓу Ерменија и Македонија ќе се игра во терминот од 18 часот.