Македонија се враќа со освоен медал и тоа сребрен од 45-тата Шаховска Олимпијада што се одржа во Будимпешта, Унгарија.
Тони Лазов е носителот на медалот. Младиот македонски шахист се закити со среброто настапувајќи на втората табла. Тој имаше само едно реми на осумте одиграни партии и освои 7,5 поени што беа повеќе од доволни за среброто.
За Македонија тоа е четврти медал од Шаховските Олимпијади.
Тоа претходно им успеа на Трајко Недев во 1996 година во Ереван, кој се закити со бронзениот медал, Единствениот златен го освои Драгољуб Јаќимовиќ во 2000 година во Истанбул, а четири години подоцна во Калвија, среброто освои Владимир Георгиев.
Што се однесува до тимскиот настап, машката селекција го освои 61-то место во конкуренција на 189 репрезентации. Дамите пак на крајот се 77-мо рангирани од 170 репрезентации.