Актуелниот шампион тимот на Еурофарм Пелистер ја оствари и втората победа во македонската Супер лига.
Пелистерци попладнево пред своите симпатизери ја совладаа Струга со 17 разлика (37-20), во натпревар од второто коло.
Гостите пркосеа во првото полувреме кое го завршија само со еден гол негатива (13-12). Така беше и во првите 3-4 минути на второто полувреме. по што зелено-белите заиграа како што знаат. Го кренаа нивото на агресивност во одбраната, гостите тешко наоѓаа шанса за гол, а Пелистер казнуваше на спротивната страна. Со серија од седум голови во низа, во 48.минута Пелистер дојде до двоцифрена предност 26-16.
Тука веќе беше јасно дека трите бода ќе одат на контото на битолчани кои славеа со конечни 37-20.
Во победничката екипа, Цехте и Петровиќ постигнаа по 7, а Ристовски и Борзаш додадоа по шест гола.
Пелистер во следното коло (21 септември) ќе го пречека новајлијата Бисинов Ф.Л.
Во меѓувреме, во среда (18 септември) македонскиот првак ќе го игра вториот натпревар во Лигата на шампионите. Во Битола, Еурофарм Пелистер ќе го пречека германскиот Фуксе Берлин.