Македонската фудбалска репрезентација забележа голема важна победа протоив Ерменија во вториот натпревар во Лигата на Нациите.
На натпреварот одигран на арената „Тодор Проевски“ македонските фудбалери покажаа карактер и им ги затворија устите на сите критичари. Црвено-жолтите со играч помалку во вториот дел ја победија Ерменија со 2-0.
Одиграа храбро избраниците на Благоја Милевски и заслужено се радуваа на победа, прва по низата од седум дуели без радост.
Во воведните 20-тина минути нашата селекција беше онаа која ја контролираше играта. Во овој период од далечина се заканија Бабунски и Елмаз, но тоа не беше сериозна опасност за голманот Чанчаревиќ. Tокму гостинскиот голман беше главен виновник што Македонија не успеа да постигне гол во првиот дел. Особено тоа важеше по обидите на Барди во два наврати и Елмаз во 23-тата минута.
Во судиското дополнение се обиде и Бабунски но неговиот удар заврши сантиметри крај ерменскиот гол. И кога сите очекуваа крај на првото полувреме германскиот судија Осмерс, по втор пат му покажа жолт картон на Зајков. Така Македонија во вториот дел остана со играч помалку.
Првата посериозна шанса во вториот дел македонските фудбалери ја имаа во 63-тата минута. По брзата контра на Миовски и Елмаз, ударот на Миовски беше изблокиран и замина над ерменскиот гол во корнер.
Затоа во 70-тата минута гостинскиот голман и фудбалери само немоќно гледаа. По слободниот удар на капитенот Барди топката ја затресе нивната мрежа за 1-0.
Не мина долго време за црвено-жолтите да стогнат и до вториот гол. Бојан Миовски по брзиот напад на елегантен начин повторно го најде патот во мрежата на Чанчаревиќ за 2-0.
Во првиот натпревар од нашата група Летонија минимално со 1-0 ги совлада Фарските Острови.
Така по два одиграни натпревари лидер на табелата лидер сега е Македонија со 4 бодови. Зад нашата селекција се Ерменија и Летонија со 3 и Фарски Острови со 1.
Веќе следниот месец следуваат две ново рунди, а во нив Македонија ќе има две гостувања. Првото во Рига кај Летонија на 10-ти, додека на 13-ти во Ереван ќе игра против Ерменија.