Повод денот на независноста на Република Македонија, денеска во собранието беа доделени признанијата „8 Септември“ за придонес во спортот. 

Највисокото државно признание за спорт годинава му припадна на Борче Костовски, тренерот и претседател на Таеквондо федерацијата на Македонија. Признанието за животно дело Костовски го заслужи со големиот успех на  Дејан Георгиевски кој во Токио 2021 година го освои сребрениот олимписки медал.

„Една мала група на одбрани се осмеливме да направиме чекор од Скопје до Токио, чекор кој трае седум години.

Се осмеливме да освоиме олимписка норма, да ги погледнеме најсилните противници во нашиот спорт во очи и да ги победиме.

Се осмеливме да стигнеме во олимписко финале на олимписки игри, сето тоа резултираше со сребрен медал и со поставување на нашето знаме на олимпискиот медал“,

изјави Костовски. 

Покрај него годинашни добитници на признанија за придонес во спортот се и:  Мирко Димчевски, Рамадан Шабани и Димитар Јованов од борење, како и стрелецот на првиот официјален фол за македонската фудбалска репрезентација, Зоран Бошковски.

„Би сакал да порачам ова да биде само еден поттик за уште повеќе да имам следната година пријавени, ние како држава и министерство да имаме уште повеќе награди да доделуваме.

Како министерство секогаш ќе бидеме на страна на спортистите и спортските работници.

Овие награди кои ги добивате се огромна чест, но и огромна одговорност, да ги носите со гордост и со достоинство и да бидете достојни претставници на македонското општество кое врз база на вашите дејствувања ќе гледа во вас идоли и ќе се градиме како општество“,

истакна министерот за спорт Борко Ристовски.