Ракометот е број 1 спорт во Битола, тоа одамна е јасно, а потврдено со двете шампионски титули на Еурофарм Пелистер. „Платформата за ракометна Битола“, продолжува и во претстојната сезона.
Ова откако, вечерва беше потпишан договорот меѓу двата акционери, компанијата Еурофарм и Општина Битола.
Одлуката беше потврдена на советот на Општина Битола, со која беше изгласано продолжувањето на соработката.
Претседателот Зоран Стерјев во името на клубот и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски го потпишаа договорот со важност до септември 2026 година.
„Со оваа конструкција, со поддршката која клубот ја чувствува од својот град и опкружувањето, убедени сме дека Еурофарм Пелистер уште повеќе ќе расте, ќе ги реализира зацртаните цели и ќе ги прави битолчани горди како и досега“, потенцираат двете страни.
Неофицијално, Општина Битола од својот буџет ќе издвои 300.000 евра за поддршка на РК Еурофарм Пелистер.