Претпоследниот патник во полуфиналето на Европското првенство во Германија, ќе го дознаеме вечерва. Селекциите на Англија и Швајцарија на Олимпискиот стадион во Берлин, си го трасираат патот за повторно да играат таму во финалниот меч. Но, само една од нив ќе има шанса да се бори за тоа во полуфиналето.
Имајќи ја предвид историјата, традицијата, реномето и имињата на фудбалерите во двете репрезентации, Англичаните важат за фаворити.
Англија не нé увери дека е „топ“ фаворит
Но „Гордиот Албион“ на претходните четири натпревари не ја увери јавноста дека го заслужува приматот на најголем фаворит за трофејот. Вицешампионот од пред три години одиграа јалово и неубедливо во групната фаза.
Во последната минута од осминафиналето се спасија од пораз од Словачка и елиминација. Затоа избраниците на Саутгејт денеска ќе мора да дадат многу повеќе за да ја уверат јавноста, дека го заслужуваат приматот на фаворит.
Швајцарија го елиминираа шампионот, на ред е вицепрвакот
Швајцарците пак играат одлично на овој шампионат. Со седумте постигнати, сите од различни играчи, тие се се меѓу најефикасните селекции на ЕП.
Тие знаат како против фаворитите, а тоа го потврдија во осминафиналето елиминирајќи го актуелниот шампион Италија. Цврсто, организирано и дисциплинирано во одбраната, трпеливо во нападот, тоа е играта со која избраниците на Мурат Јакин стигнаа до оваа фаза и посакуваат во следната.
За да го направат тоа, Швајцарците ќе мора да се соочат со историјата, која не им оди во прилог. Првиот и последен пат ја победија Англија (2:1) далечната 1981 година во квалификациите за Светското првенство во Шпанија. Потоа, тие се сретнаа десет пати (вклучувајќи три пријателски), а Англичаните седум пати беа подобри, додека три дуели завршија без победник.
Кој ќе биде подобар вечерва во Берлин, останува да видиме во дуелот што ќе почне од 18 часот. Победникот ќе игра во полуфиналето против подобриот од дуелот Холандија-Турција.