Со натпреварот меѓу домаќинот Германија и амбициозната Шпанија започнува четвртфиналето на ЕУРО 2024-та.

Натпреварот во Штутгарт го носи епитетот на дерби од четвртфиналето. Судејќи по мечевите во претходниот дел од турнирот, фудбалските фанови ги очекува вистински спектакл.

Веќе во групната фаза Германија и Шпанија се истакнаа како најголеми фаворити за титулата, а ситуацијата не се промени ниту по осминафиналето.

Затоа, победникот, кој е исклучително тешко да се предвиди, ќе има најголеми шанси да ја освои титула европски првак.

Двете селекции го одиграа најважниот дуел во финалето на ЕП 2008 во Австрија.

Со голот на Фернандо Торес во 32.минута, Шпанија славеше и ја започна една од најдобрите репрезентативни серии во историјата на фудбалот.

Само две години подоцна, истите ривали се сретнаа во полуфиналето на Светското првенство во Јужна Африка. Резултатот беше ист, единствен стрелец на тој меч беше Карлос Пујол во 73. минута од средбата.

Тие беа заедно во групите на ЕП 1984 година (Шпанија победи со 1:0) и 1988 година (Германците триумфираа со 2:0), а одиграа 1:1 на Мундијалот во Катар.

Претходно, во 2021 година, Шпанците победија во натпреварот од Лигата на нации со дури 6:0.

Кој ќе излезе како победник и ќе обезбеди полуфинале, ќе дознаеме по дуелот закажан во 18 часот.