Денеска ќе ги дознаеме последните четвртфиналисти на Европското фудбалско првенство во Германија. Воедно ќе биде и комплетиран последниот пар за оваа рунда.
Осминафинален дуел меѓу Романија и Холандија беше незамислив пред почетокот на турнирот.
Со освојувањето на 1.место во својата група, Романците го направија можеби најголемото изненадување на шампионатот. Холандија како една од четирите најдобри третопласирани селекции успеа да се пласира во нокаут фазата.
Со оглед на досегашниот тек на натпреварувањето, како и начинот на кој играат двете екипи, се очекува исклучително интересен натпревар. Уште во првото коло Романците покажаа дека можат да бидат едно од попријатните изненадувања. Улогата на фаворити, поседот на топката и иницијативата и ја препуштија на Украина, постигнаа три гола и одлично го започнаа турнирот.
Избраниците на Едвард Јорданеску покажаа дека знаат да играат на посакуваниот резултат. Така се очекува да биде и попладнево против Холандија.
Иако пред стартот на шампионатот беа во ТОП шесте фаворити за највисок пласман, Холанѓаните тоа не го докажаа.
Проблеми за тимот на Роналд Куман се појавија уште пред почетокот на натпреварувањето. Поради повредите изостанаа неколку важни играчи. Првата средба против Полска и покрај победата, ги извади на виделина сите недостатоци на „лалињата“. Холандија се мачи со реализацијата, успеа да одолее на нападите на Франција, а поразот од Австрија ги испрати на 3.место во групата.
Холандија го чека четвртфиналето од 2008 година, додека Романците беа меѓу осумте најдобри само еднаш, на првенството во 2000 година.
Осминафиналниот дуел меѓу Романија и Холандија ќе се игра во Минхен, со почеток од 18 часот.